Училишен Весник
Христо Узунов
Кај Директорката
Ивана Витанска
Email: ivana.bozinoska@yahoo.com
Phone: 045266177
Facebook: https://www.facebook.com/ivana.vitanska?fref=ts
Почитувани ученици, родители и вработени во нашето училиште, би сакала да ве поздравам и да ви посакам среќен и успешен почеток на новата учебна 2015/16 година.
Пред сè би сакала да истакнам дека во нашето училиште успешно се следи нашата мисија и визија за една плодна и здрава средина. Учениците од сите возрасти од нашето како и од подрачните училишта се вклучени во сите новости од училишниот процес .
Во нашето училиште успешно се работи на мнoгу проекти. Во моментов работиме проект за Меѓуетничка интеграција со партнер училиштето ,,Наим Фрашери” од село Јагол Доленци. Успешно веќе втора година го работиме проектот Претприемништво, а оваа година ќе го работиме и проектот Градиме мостови организиран преку програмата ОБСЕ. Мислам дека со малку труд од страна на вработените и учениците ќе имаме плодни и успешни резултати. Доколку има потреба од канцелариски и училишен прибор ние како и секоја година ќе се погрижиме за тоа и ќе помогнеме каде и да е потребно.
Со новата кембриџ програма учениците за почеток добро се снајдоа. Иако кембриџ програмата е обемна заедно со наставниците ги совладуваме сите потешкотии. Јас како директор заедно со педагогот,психологот и библиотекарот и сите други кои работат во стручните служби во секое време сме отворени за соработка со учениците,родителите и вработените. Мислам дека на таков начин ќе остваруваме успеси, со проектите, секциите и воннаставните активности.Тоа е единствениот начин, само тимската работа носи резултати. А за нашите прочитајте во ова прво издание на училишниот весник.
Интервјуто го подготви Фросина Крумеска од VIII одд
Од училницата
Јас сум Анастасија. Имам шест години. Омилен цртан филм ми е Маша и Медо. На училиште најмногу сакам да се дружам со другарчињата. И многу сакам да цртам.
Се викам Христијан. Јас имам пет години. Најдобар другар ми е Никола. А омилен предмет ми е Физичко. На училиште ми е тешко оти неможам да се одделам од моето мече.
Ме крстиле Данче. И јас имам пет години. Омилена боја ми е црвена. Имам три домашни миленичиња. Две мачиња и едно куче.
Здраво,јас сум Филип. Имам едно братче и едно сестриче. На училиште учам англиски засега добро ми оди. Во слободно време си играм со моето куче.
Здраво,се викам Лео. Многу ја сакам зимата и секогаш си играм во зима. Нашата наставничка е најдобрата наставничка на светов!
Ме крстиле Андреа. Го обожавам ракометот. Омилено јадење ми се шпагети. Имав едно мало кученце ама ми се изгуби.
Јас се викам Ангела. Родена сум во месец јуни. И мене омилено јадење ми се шпагети.
Здраво,јас сум Антонио. Најдобра другарка ми е Ангела. Најмногу ја сакам пролетта!
Се викам Никола. Омилено овошје ми е јаболко. А омилен цртан филм ми е Том и Џери.
Јас сум Кико. Имам пет години. И мене омилено овошје ми е јаболко.
Од Наставничката Канцеларија
Катерина Лазороска
Темата на нашиот разговор е употреба на апликации на часовите по германски јазик. Имено минатата учебна година наставниците по странски јазици во нашето училиште добија таблет, со тоа ние сме чекор понапред од останатите во употребувањето нови алатки во наставата. А нашите ученици ќе бидат подготвени за проектот Таблет за секое детe кој ќе се реализира од следната година.
Наставничката Катерина ни раскажа каква примена му најдоа на таблетот на часовите по германски јазик и кои се омилените апликации на учениците.
Она што последно сме го сработиле на час е креирање постер фотографии за хоби кое го имаат учениците.- рече наставничката Катерина. Апликацијата штo ја употребивме се вика Moment Cam и тоа што може да направите со оваа апликација е да го ставите вашиот лик во некој цртан постер. Еве неколку примери кои ги изработија учениците од седмо одделение.
Ново во нашата Библиотека
Енциклопедиите Вселена и Земја најмногу одговараат за програмата за шесто одделение и изобилуваат со информации и фотографии од Вселената и Планетата Земја-рече наставничката Светлана Матеска-Трпеска по географија.Покрај тоа што овие енциклопедии ќе бидат полезни за часовите по географија, тие исто така ќе бидат основа за реализирање на географската секција-дополни наставничката Светлана. Учениците,пак на часовите по истражување на родниот крај ќе може да пронајдат повеќе информации за карактеристиките на нашиот роден крај,многу фотографии и податоци за обработка на проектите на овие часови користејќи ја енциклопедијата Чудесна Македонија-рече Матеска-Трпеска.
Енциклопедијата Растенија многу ќе им помогне на учениците од седмо одделение по предметот биологија бидејќи тие за прв пат се среќаваат со овој предмет. Содржината на оваа енциклопедија има многу текстови и слики поврзани со материјалот од учебникот, така учениците ќе може да ги прошират знаењата. Со моја помош учениците полесно ќе се снајдат и брзо ќе ги откриваат непознатите поими-рече наставничката по биологија Размена Стојкоска.
Не заборавајте и на веќе за нас познатите Историја на Светот, 1000 Години Познати Личности и Народите во Светот кои ги имаме и во повеќе примероци.
Конечно пристигна и очекуваната збирка сликовници за учениците од прво до трето одделение кои беа спакувани во многу интересна кутија во форма на камион. Збирката е насловена ,,Нашата прва библиотека’’ и е дел на проектот ,,Со читање до лидерство’’ на УСАИД и фондацијата ,,Чекор по Чекор’’.
Таа се состои од 20 сликовници со насловите:
Даниел сака да исчезне, Мразулец, Манго за дедо, Кралот Бен, Девојчето со количката, Волшебната фотелја, Братче за Петар, Вики и очилата, Роки, Ајде да одиме на работа, Портокали за секого, Црешовото дрво на Стефан, Да имаш куче, Кога ќе пораснеш, Марко патува околу светот, Темницата, Најмладиот, Бурсунсул и Паскулина, Носот на куклата и Макани.
Сликовниците во пдф форма може да ги најдете и на страницата на фондацијата ,,Чекор по Чекор’’. Таму ќе ги најдете и во аудио верзија.
Покрај сликовниците комплетот уште содржи и прирачник кој нуди безброј примери како наставниците и родителите би ги прошириле темите и идеите кои се обработуваат во сликовницата.-ни објасни нашата библиотекарка Дафинка Сталеска. Овој прирачник не е само за родителите и наставниците туку и за сите оние кои учат и се забавуваат. Тој ќе им помогне на децата низ игра да научат повеќе за себе, своето семејство и заедницата, но и на родителите и наставниците да ги запознаат подобро децата.- продолжи нашата библиотекарка
Го разгледавме прирачникот и најдовме еден куп идеи за интересни активности, а за ова издание ќе ви издвоиме неколку.
За сликовницата Даниел сака да исчезне ни предлагаат да си направиме шатор од чаршав и да го користиме како посебно место. Ако додадете уште и сијалички како оние новогодишните ќе добиете едно скришно место за читање.
Уште една убава активност е посебна кошница каде се поттикнуваат читателите да размислат за нивните омилени работи кои не би сакале да ги остават дома кога би отпатувале. За тоа ние пак ви предлагаме една интересна апликација каде малите читачи ќе може да си го наполнат куферот со еден куп облека и предмети и да отпловат до островот на нивното пријателче. Оваа апликација се вика Sago Boats и ја има за сите паметни телефони. Доколку не е бесплатна во моментов следете ја нашата Facebook страница каде ќе ве информираме кога ќе може бесплатно да си ја инсталирате. Еве како изгледа кога си играте со оваа апликација :
Како надополнување на сликовницата Мразулец е активноста креирање на мандала. Мандалата е индиски религиозен симбол кој го претставува универзумот и многу наликува на мразулците. Еве една страница каде ќе може да си нацртате ваш симбол на универзумот. Еве една идеја како да заработите пари со вашите дечиња. Нашето училиште како што ни кажа директорката работи на проект на SEECEL за претприемништво и меѓу активностите се наоѓа една активност за прибирање на донации за нов компјутер. Учениците изработуваат инфографици (сликовито прикажување на информациите) кои подоцна ги користат како материјали за учење на странски јазик. Тие станаа толку популарни што веќе неколку земји во светот почнаа да учат по нашиот пример . Идејата ја прикачивме на една страница што се вика GoFundMe и тука прибираме средства за нов компјутер.
Сликовница Девојчето со количката .
И секако дека ќе направиме музички бенд од инструменти кои сами ќе ги направиме, а во меѓувреме ќе си играме со Toca Band .Интервју со најнаставничката во Македонија
Весела Богдановиќ
Email: veselabogdanovik2@gmail.com
Website: uzimenizigra.ucoz.com
Facebook: https://www.facebook.com/vese.vesela?fref=ts
За првото издание на нашиов училишен весник ја интервјуиравме наставничката Весела Богдановиќ која се најде на листата на топ педесет наставници во светот. Интервјуто го направи ученикот Лазо Николоски, а инспирација беа многуте нови активности за кои разбравме од неjзината веб страна.
Од каде ви доаѓаат идеите за овие интересни и креативни часови?
Најпрвин Ви благодарам. Ме радува што ви се допаѓаат и вам. При креирање на часовите најчесто поаѓам од средства, собирам идеи за интересни и необични средства кои им се забавни на дечињата , си ги запишувам и потоа гледам што каде и кога можам да употребам, за реализација на конкретни цели... Се случува и обратно, но креативноста најчесто и најлесно ми поаѓа од рака на овој начин. Тоа звучи необично но навистина функционира беспрекорно. Често ми се случува и самите дечиња на самиот час да ми помогнат спонтано со свои нови идеи за нова игра за иста цел, а со примена на конкретното средство на тој час. Бидејќи редовно го почитувам нивното мислење и пробуваме се што ќе предложат, тие се секогаш мотивирани да бидат и самите креативни творци на наставниот процес.
Дали сметате дека учениците повеќе ќе научат преку новите кембриџ програми?
Преку новите програми децата се навикнуваат на нов начин на размислување. Во нивните главчиња се зачувуваат ментални слики кои им помагаат на пример, да разберат дека операциите со броевите до 20 се основа за се понатаму , без разлика со колкави броеви работиме понатаму. Самите откриваат начини на решавање кои им се нив соодветни, според индивидуланиот начин на размислување и тоа посебно ми се доапаѓа. Потешкотии во моментов често имаат дечињата од четврто одделение и нагоре бидејки реално се направи скок во целите, скок од цела една наставна година. Лично сметам дека оваа прекрасна програма требаше да се воведува најпрвин само во прво одделение па потоа натаму со раст на генерацијата, со што ќе се чувствуваа само придобивките а не тешкотиите.
Вие практикувате интерактивно читање преку игри.Дали учениците подобро го усовршуваат читањето така?
Тоа е интересен начин на учење, мотивација за вежбање и самооценување во исто време. Преку вакви активности учениците од второ одделение или трето одделение можат да почувствуваат уште една забавна страна на читањето (кирилица или латиница). Вештината за читање со разбирање на прочитаното во оваа прилика ќе им овозможи да играат интересна игра. Самооценувањето на учениците тука самото се наметнува како составен момент затоа што секој ученик има прилика самиот да почувствува дали неговите читачки вештини се доволни за да може непречено да ужива во оваа игра и да придонесе во тимот или во иднина треба повеќе да вежба. Децата се радуваат кога следат чекори запишани во порака од шише за да стигнат со остров со богатсво или за да си направат сувенир со пренамена на понудени материјали скриени низ училницата. Ова навистина носи резултати, особено во поттик и мотивација.
Преку игри со цветови и коцки учите да множите, собирате, одземате.Како ги совладувавте овие лекции пред да се воведат Кембиџ програмите?
Работам 13 години. Моето мото е Учиме низ игра. Тоа секогаш подразбирало примена на многу нагледни средства, манипулативни материјали и истражувачки пристап. Она што е посебно карактеристично е тоа што најголем дел од тие материјали ги изработуваме заедно со дечињата и родителите. Собираме стари играчки, природни материјали и слично и на тој начин нашата училница секогаш била богата во секое време. Кога сме кај цветовите- Нив ги имаме спремни веќе 3 години. Најпрвин ги подготвив за обработка на драмски текст, потоа ги променивме за собирање и одземање до 10, вчера со нив собиравме стотки во рамки на 1000. Тоа е слично и со многу други средства низ училницата. Се што изработуваме најчесто може да се пренамени понатаму за следни цели и по други предмети а тоа е добра патека за развој на дивергентното мислење на дечињата. Истражувањата секогаш сум успевала да ги вметнувам низ предметите и согласно целите сите години наназад, па така моите дечиња истражуваа уште во прво одделение, уште одамна пред воведување на Природни науки, истражуваа на теми Магнет,Сенки, како птиците прават гнездо и слично и за сето тоа имаме снимен материјал кој ја доловува целата истражувачка атмосфера....
Кој им е омилен предмет на вашите ученици?Дали повеќе сакаат да пишуваат приказни или да собираат монети или банкноти?
Тоа е тешко да се каже. Овие дечиња најчесто учат преку интеграни активности во кои наставните предмети се спојуваат во забавни содржини и нив се им е убаво. Често учиме преку наши авторски математички приказни и наши работни листови во кои математика и литературата се најдобри партнери за реализација на нивните поедничени цели. Приказните се неразделив дел од сите наши часови без разлика за кој предмет станува збор. На пример часот за истражување и изработка на вулкани го споивме со македонски јазик и така истовремено не само што истражувавме туку и го искористивме нагледниот материјал и продукт како инспирација за творење приказни, при што децата вежбаа пишување и читање срекни и задоволни.
Од каде добивате инспирација за да креирате вакви часови и што ве мотивира неуморно да работите и да се посветувате на вашата работа?
Тоа сум едноставно јас. Знам да се радувам на ситници и наоѓам инспирација во се наоколу. Јас сум ќерка на просветен работник . Мојата мајка Наташа која и ден денес ја паметат и сакаат нејзините ученици, мене ми овозможи да растам во средина во која образованието се креирааше пред мои очи секојдневно. Таа ги правеше најкретивните часови по македонски јазик предметна настава и најубавите годишни приредби кои сум ги видела. Идејата за користење на пластични затворачи ја земав од татко ми пред многу години. Тој на таков начин го занимаваше своето внуче, мојот син Бојан кога беше малечок, сега е 12 годишно момче. Инспирациите се секаде наоколу. И не е секогаш лесно, често искрено се уморувам од себе но штом ја видам среќата на лицата на моите ученици јас добивам сила за многу нови идеи. Тука се и родителите на дечињата од селото во кое работам. Толку заинтересирани и соработливи родители навистина се огромно богатство.
Новости
Изложба на керамичка работилница
Наши часови на платното на CINEPLEX
Mојата презентација беше во врска со новиот пребарувач и идеи како истиот да се употреби за комуникација со учениците. Новиот snip (едноставна алатка за креирање на видео туторијали) излезе пред само две недели, но ние веќе ја употребивме на час. Им покажав како се работи со оваа алатка , како јас ја употребувам и како сме ја употребиле со учениците на час. Раскажував и за една апликација за смарт телефон на предлог на организаторите бидејќи таквиот час со оваа алатка беше објавен на официјалната веб страна на Мајкрософт. Завршив со новата алатка за креирање на презентации sway повторно на предлог на организаторот бидејќи тоа беше мојата презентација на Глобалниот Форум на кој презентирав пред 300 наставници од цел свет, а тој настан се одржуваше во Сиетл.
Организаторите беа многу задоволни од презентацијата и ветија дека ќе се организира иста таква и за наставници.
Најголемиот Глобален Час
Темите кои ги одбравме се климатските промени и таков отворен час ќе се одржи по предметот географија.
Целта иновации и инфраструктура со одржана работилница по предметите иновации и информатика.
Доколку и вие во вашето училиште сакате да бидете дел од глобалниот час најдете повеќе инвормации на страницата на Министерството за Образование или на https://www.tes.com/worldslargestlesson/.
Таму ќе ги најдете сите материјали потребни за ваквите часови и готови планови за час кои може да ги искористите.
Секции
Драмска секција
Ќе се одржува два пати неделно на таа секција учениците ќе се подготвуваат за прослави како што е Нова година, денот на училиштето итн. - рече наставничката Цена Илиоска
Рецитаторска секција
На оваа секција учениците ќе учат изразно и литературно да се изразуваат и ќе се оспособуваат за рецитирање поезија и проза.- најавува наставничката Николина Сиљаноска
Млади историчари
Секцијата ќе се спроведува по електронски пат, ќе се реализираат различни проекти, презентации и домашни задачи.- не информира наставничката Виолета Петкоска
Биолошка секција
Во биолошката секција ќе учествуваат ученици од VI до IX одделение кои се заинтересирани за природните науки и вредно ги извршуваат своите задачи.- рече наставничката Размена Стојкоска
Географска секција
Средбите ќе се одржувааат во петок, учениците кои се заинтересирани за оваа секција ќе имаат можност да работат со најнови енциклопедии и да ги зголемат своите знаења за светот.- не информира наставничката Светлана Матеска Трпеска
Клуб на млади физичари
Во овој клуб ќе членуваат учениците од VIII и IX одделение, ќе се одржува еднаш неделно и ќе се изведуваат експерименти и практични обиди.- најави наставничката Александра Костадиноска
Клуб на информатичари
Секцијата на млади информатичари ќе ги опфаќа учениците од VI до IX одделение. Часовите ќе се одржуваат секоја втора сабота со почеток во 10.00 часот. Материјалот е поделен во два дела соодветно за секое полугодие. Што значи во првото полугодие ќе се изучуваа основите на web дизајн, html и css, додека во второто полугодие учениците ќе се стекнат со основни познавања за структурно програмирање и алгоритми.- изјави наставникот Александар Трајаноски
Библиотекарска секција
Љубители на англискиот јазик
Германска секција
Нашите средби ќе ги одржуваме во петок, ќе истражуваме и учиме за Германија, германскиот јазик, нивните традиции, интересни факти и места кои можат да се посетат во Германија. - рече наставничката Катерина Лазороска
Ликовна, фото и драмска секција
Ќе изработуваме креативни изработки. Овие секции ќе се надополнуваат една со друга. Ликовната секција ќе изработува дизајни за претстава. Фото секцијата ќе ги овековечува моментите на драмското дејствие и другите настани во училиштето. Додека драмската секција ќе изведува детски претстави.-рече наставникот Јован Наумоски